Пред стартот на грејната сезона олеснителни околности за ранливите категории на граѓани во земјава. Околу 20.000 македонски семејства - социјални случаи, кои се вклучени во проектот енергетска сиромаштија, секој месец ќе добиваат по 700 денари за покривање на трошоците за струја, парно, нафта, јаглен или за огревно дрво. Државата за годинава за ранливите категории на граѓани од буџетот одвои 74 милиони денари или околу 1,2 милиони евра. Со програмата се субвенционира потрошувачката на енергијата, но поединечно, само за еден енергенс по избор на семејството, односно посебно за електрична енергија, огревно дрво, јаглен, екстралесно масло за домаќинствата, нафта или централно греење.
Пред стартот на грејната сезона олеснителни околности за ранливите категории на граѓани во земјава.
Околу 20.000 македонски семејства - социјални случаи, кои се вклучени во проектот енергетска сиромаштија, секој месец ќе добиваат по 700 денари за покривање на трошоците за струја, парно, нафта, јаглен или за огревно дрво.
Државата за годинава за ранливите категории на граѓани од буџетот одвои 74 милиони денари или околу 1,2 милиони евра. Со програмата се субвенционира потрошувачката на енергијата, но поединечно, само за еден енергенс по избор на семејството, односно посебно за електрична енергија, огревно дрво, јаглен, екстралесно масло за домаќинствата, нафта или централно греење.
Како што велат од Министерството за труд и социјална политика, корисници на оваа програма се ранливите категории на граѓани кои земаат социјална помош или постојана парична помош. Тие ова право го остваруваат по основ на субвенција на дел од потрошената енергија. Надоместокот се исплаќа на месечна основа и изнесува 700 денари, а се земаат предвид сметките за периодот јануари-декември годинава, но само за еден енергенс. Ако сметката е пониска од 700 денари тогаш субвенцијата е пониска и е до нејзиниот точен износ.
- За да се искористи оваа поволност корисникот на социјална помош поднесува барање до центрите на социјална помош во местото каде што живеат, приложувајќи сметки за струја, парно или фискална (сметкопотврда) за купено огревно дрво, нафта или јаглен - укажуваат од ресорното министерство.
Со оваа субвенција можат да се платат не повеќе од 200 киловат/часови електрична енергија, бидејќи со последното намалување на цената на струјата за киловат/час електрична енергија цената е 3,25 денари кај еднотарифното броило, а кај двотарифното броило цената на струјата во високата тарифа изнесува 4,05 денари за киловат/час и 2,03 денари за киловат/час во ниската тарифа.
Статистичките податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во земјава просечната месечна потрошувачка по семејство е 500 киловат/часови. Таа во просек е повисока од 5% до 10% во однос на земјите од регионов, бидејќи кај нас електричната енергија се користи за загревање на домовите, а помалку дрвата или природниот гас.
Енергетскиот сектор, пак, при Министерството за економија анализирал и согледал дека четиричлено македонско семејство кога штеди месечно троши помалку, односно до 350 киловат/часови електрична енергија. Според параметрите од Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност, околу 42% од потрошената електрична енергија е за домашните апарати, 28% се троши за греење, 18% за загревање на топла вода, а 12% за осветлување.
Во земјава енергетската сиромаштија стартуваше пред три години и тогаш месечната парична помош на корисниците на социјална помош беше по 600 денари. Заедно со паричната помош од државата тогаш за таа цел од буџетот беа издвоени по 500.000 евра месечно, или околу 6 милиони евра годишно.
По нашиот пример за енергетска сиромаштија тргна и Србија. Српските граѓани кои припаѓаат во категоријата социјално загрозени добија бесплатни киловати струја, гас...Граѓаните кои се стекнаа со статусот енергетски заштитен потрошувач таквото олеснување ќе го имаат една година. Како што пишуваат српските медиуми околу 350 илјади луѓе имаат право да добијат меѓу 120 и 250 киловат/часа бесплатна струја месечно, како и од 35 до 75 кубни метри гас месечно за време на грејна сезона. Заштитениот статус ќе може да го загубат ако месечната потрошувачка на струја и гас им е 2,5 пати повисока од дозволената граница. Процените се дека ваквата поволност за социјално загрозените Срби ќе ја чини српската држава меѓу 30 и 40 милиони евра годишно.
Бесплатна викенд струја нуди Бритиш гас
Компанијата Бритиш гас, која дистрибуира електрична енергија во Велика Британија, најави интересна можност што треба да стартува од 2014 година. Компанијата планира да воведе бесплатно користење на струја за потрошувачите кои ќе го концентрираат трошењето на електрична енергија за време на викендот, односно во саботите и неделите.
Оваа идеја тие ја добиле од нивната сестринската енергетска компанија од САД- Директ енерџи, а зад двете компании стои дистрибутерот Центрица, кој сака да ги мотивира потрошувачите да ја насочат потрошувачката за време на викендите, кога насекаде во светот потрошувачката е помала отколку во работните денови.